Да формираш хуманитарна организација е нешто со што секој може да се гордее. Но, да формираш хуманитарна организација и од самиот почеток таа да ја темелиш на лага дека зад тоа стои ЕУ и сите да ги убедуваш во тоа е врв на еден криминален девијантен ум.
Вака обвинителката Вилма Русковска денеска во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје ги започна воведните зборови за случајот „Меѓународен сојуз“, пренесе „360 степени“.
Обвинителката рече дека Бојан Јовановски-Боки 13 како претседател на „Меѓународниот сојуз“ ги довел во заблуда бизнисмените од градежниот сектор, Силјан Мицевски и Адриан Амзоски, и лажно им прикажувал дека ќе обезбеди државно земјиште за изградба на центарот, како и субвенции од страна на државата.
Доведени во заблуда, бизнисмените, според Русковска, преку Македонска авторска агенција, исплатиле високи суми пари. Мицевски во име на фирмата „Пелистер“ исплатил 719 905 евра на сметката на сведокот Лилјана Тодоровска, а Амзоски во име на „Дрим Билдинг“ 233 821 евро на сметката на Јасна Ерцеговиќ, која се водела како наводен коавтор на проектот.
Обвинетата Фросина Ременски, според Русковска, користејќи ги својот углед и авторитет како потпретседателка на СДСМ, а потоа и на Собранието, одела на средбите на Боки со оштетените бизнисмени. Обвинителката тврди дека таа му давала совети и упатства како бизнисмените да стекнат доверба во наводниот проект, а потоа и да ги уплатат парите.
„Можеби во текот на судењето ќе слушнете дека дел од обвинетите навистина верувале во овој проект, но дали еднаш се запрашале дали се реализирале овие договори? Не, ниту еднаш. Дали се вратени парите на оштетените? Не. И за тоа не се запрашале. Но, ќе слушнете како се прославувало после склучувањето на договорите. Ќе слушнете и ќе видите како Миле Јовсновски на име враќање и давање позајмица на име ‘БМЈ медиа груп’ на 1 ТВ уплатил 226 000 евра, а човекот од 1991 е невработен, истакна Русковска.