Веќе две недели Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција работи со пет обвинители помалку, на кои 4-годишниот мандат им истече на 1 февруари, а од друга страна, сѐ уште не е закажана седница за избор на нови обвинители. Поради ваквата ситуација Обвинителството е оставено да функционира со само 8 обвинители, од кои 3-ца се во специјализираното одделение.
Шефицата на Организиран, Вилма Русковска, во изјава за „Фокус“ вели дека функционираат многу тешко, а на судења од 1 февруари одат само обвинителите кои се со мандат.
-Како функционираме? Многу тешко. Ме оставија со пет обвинители со мандат. Останатите тројца се во специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, ни изјави обвинителката Русковска.
Претседателот на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски, вели дека седницата за избор сѐ уште не е закажана, бидејќи ќе има ново оценување на Обвинителите со истечен мандат.
-Седница не е закажана, се чека повторното оценување на кандидатите од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Навремено ќе објавиме на веб страната на Советот кога ќе биде закажана седницата за избор, ни изјави Јолевски.
На прашањето зошто е потребно повторно оценување, Јолевски вели дека четворица од кандидатите од Организиран поднеле приговори, а од Советот донеле одлуки со кои им ги уважиле приговорите.
-Го задолживме Обвинителството повторно да изврши оценување, вели Јолески.
Со ова дополнително се пролонгира изборот на обвинители кои треба да се борат против организираниот криминал во државата.
За испразнетите пет места, пак, во трка се 10 обвинители кои конкурираа на огласот кој заврши на 1-ви декември. Меѓу нив се оние обвинители со истечен мандат, Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши.
Како што неофицијално се шпекулира, наводно, постојат притисоци нов мандат да не добие една од обвинителките, која пак во фелата важи за стручен обвинител, кој не потклекнува на притисоци. За овие шпекулации обвинителката Русковска вели дека се надева дека не се вистина, бидејќи при оценувањето обвинителката добила највисока оценка, која и била заслужена.
Останатите петмина кандидати се обвинителите: Златко Биковски, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова, Имран Османи и Арсим Адеми.
Во април минатата година ова обвинителство го засилија петмина обвинители и тоа Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, кои беа дел од поранешното СЈО, како и Наташа Поп Трајкова од Основното јавно обвинителство-Струмица и Катерина Коларeвиќ од ОЈО-Скопје.
Валентина Вурмо