Обвинителката која го застапува обвинението за случајот „Рекет“, Вилма Русковска по сведочењето на првообвинетиот во овој случај, Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, во изјава за медиумите, тврди дека најголем дел од исказот што денеска го изнесе Јовановски пред судот, не е вистина.
За торбата „Луј Витон“ со милионите за којашто Јовановски пред судот прв пат јавно кажа дека по неколку дена била вратена кај бизнисменот Орце Камчев, Русковска тврди дека во неговиот телефон има локација, време и фотографија дека торбата завршила во куќата на родителите на Јовановски.
– Што се однесува до торбата за која тврдеше дека ја видел кога Милески ја земал и после два три дена кога Милески ја вратил, во анализата на неговиот телефон има слика, точно локација кајшто живеат родителите на Бојан Јовановски, точно време, торбата е внатре. Значи имаме и време локациски, кое нешто се совпаѓа со тоа дека од кај Камчев торбата завршува во куќата каде живеат родителите на Јовановски. Тој доказ беше презентиран и доставен пред Судот, рече Русковска.
Таа исто така негираше дека во јавноста протекувале информации од предмети што се воделе во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и тврдеше дека никој досега не се пожалил дека му биле барани пари за предмет кој го водел ова Обвинителство.
На новинарско прашање за тоа зошто одбраната, ниту обвинителството не го повикале да сведочи Кичеец за торбата, Русковска рече дека тоа е резултат на проценка, а нејзина проценка била дека има доволно докази за овој предмет.
-Секој дополнителен сведок што треба да се викне само доведува до одолговлекување на постапката. Од тие причини јас лично не ценев дека треба тој да биде повикан. Но искрено очекував дека одбраната ќе го повика да сведочи, а сега ми е јасно и зошто не го повикаа да сведочи. Целата одбрана на Јовановски се сведуваше на обвинувања кон Зоран Милевски. Доколку тие го повикаа сигурно немаше да може Бојан Јовановски на овој начин да ја дава својата одбрана, вели децидно Русковска.
Таа повтори дека не верува во исказите што Јовановски ги дал денеска.
– Како обвинител секогаш се водам од тоа за што имаш докази, а секој може сешто да каже, особено ако некој не е тука да си ја каже својата одбрана и дали тоа е точно или не, изјави Русковска.