На следната седница на Советот на јавните обвинители, закажана за в понеделник, ќе се „решава“ и судбината на обвинителката Вилма Русковска. Поточно, каде ќе биде нејзиното работно место, бидејќи и заврши мандатот во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а од друга страна истата е суспендирана.
Како што дознава „Фокус“, обвинителката најверојатно ќе се врати на местото кое и било во мирување, односно во скопското обвинителство, каде што пак шеф е обвинителот Гаврил Бубевски. Сепак, суспензијата на Русковска ќе и продолжи и во ова обвинителство, бидејќи таа и важи општо за обвинителската функција. Сепак со самиот трансфер од организиран во основно, таа ќе добива пониска плата, која и следува и додека е спречена да оди на работа.
На седницата во понеделник ќе се бира и шеф на Вишото обвинителство во Скопје. На огласот беа пријавени тројца кандидати и тоа актуелниот обвинител Мустафа Хајрулахи, како и вишите обвинители Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми, но Фетаи вчера, ненадејно, ја повлече својата кандидатура.
На истата седница е предвидено да се изгласаат уште неколку шефови на повеќе обвинителства и тоа на Вишото јавно обвинителство Гостивар, како и шефови на обвинителствата во Велес, Битола, Гостивар, Кавадарци и Куманово.
Исто така ќе се распише и нов оглас за избор на четири јавни обвинители во Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Претходниот избор пропадна, бидејќи не беше избран ниту еден од пријавените шестмина кандидати.
Валентина Вурмо