Русковска, иако го победи ВМРО-ДПМНЕ на суд, остана и со празен џеб!

by fokus

Веќе две години, некогашната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, е во пензија и надвор од видното поле на јавноста. Таа првично беше суспендирана, а потоа и разрешена од позицијата јавен обвинител, а поради претресот во Управата за финансиска полиција.

Во овој турбулентен период кога се решаваше за крајот на нејзината обвинителска кариера, таа водеше и правна битка со тогашната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Ја тужеше партијата за навреда на честа и угледот. Тогаш партијата го користеше нејзиниот лик, со навредлив контекст, во телевизиски спотови наменети за предизборната кампања. Поточно, таа поведе постапка поради двата предизборни спота на партијата во кои беше преставен нејзиниот лик како некој кој работи по нарачка на тогашната владејачка партија СДСМ.

,,Фокус” анализираше како заврши овој случај, кој помина три судиски истанци, односно стигна и до Врховниот суд. Она што паѓа во очи е дека на крајот било одлучено дека на поранешната обвинителка и бил нарушен угледот и честа од партијата, но судот пресекол дека не треба да и биде исплатено обештетување. Исто така и наложил судските и адвокатските трошоци да си ги подмири сама, иако вообичаено е тие да паднат на товар на оној кој го изгубил граѓанскиот спор за клевета и навреда.

ГРАЃАНСКИОТ СУД ПРЕСУДИ ЗА ПАРТИЈАТА

Според Граѓанскиот суд, каде што првично стигнала тужбата од Русковска, обвинителката не била навредена и наклеветена. Затоа судот одлучил во корист на партијата.
Поточно, судијата го одбил како неосновано тужбеното барање на Русковска да утврди одговорност на тужените.

Адвокатот на тогашната обвинителка образложил дека, партијата и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски во изборната кампања за 2020 година објавиле два телевизиски спота, ,,Криминална приказна” и ,,Штанд на лаги”, со кои и биле нарушени честа и угледот. Обвинителката барала 10.000 евра за надомест на нематеријална штета, за кои пак изјавуваше дека ако ги добие ќе ги донира во детското СОС село, како и да ги платат процесните трошоци за постапката.

Судијата сепак ја отфрлил тужбата со образложение за непостоење на странка во спорот. Згора на тоа ја задолжил Русковска да им ги надомести трошоците на тужените во износ од 3.000 евра, иако тужените барале уште поголема сума.

АПЕЛАЦИЈА ПРЕСУДИ ЗА РУСКОВСКА, АМА И ЗА ВМРО-ДПМНЕ?!

Русковска ваквата пресуда ја обжалила пред Апелација, а овој суд делумно и ја уважила жалбата. Имено, второстепениот суд исто така потврдил дека лидерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се виновни, односно не биле странки во спорот. Решиле дека тие не ги креирале, ниту пак го нарачале објавувањето на спотовите. Судот утврдил и дека за време на поднесувањето на тужбата, партијата не постоела во регистерот на Централниот регистар, односно била избришана како правен субјект.

Во образложението второстепениот суд се повикува и на меѓународни конвенции за човекови права и право на слободно изразување, на праксата од Судот за човекови права во Стразбур, во смисла на тоа дека партијата има право ,,послободно да се изразува”.

-Особено е важно во периодот што претходи на изборите да се дозволи слободно да циркулираат мислења и информации од сите видови. Ова е особено точно кога во прашање е слободата на изразување на политичка партија, со оглед да политичките партии играат суштинска улога во обезбедувањето плурализам и правилното функционирање на демократијата. Затоа, ограничувањата на нивната слобода на изразување треба да бидат предмет на ригорозен надзор, а ригорозен
надзор овде не само што служи за заштита на демократските политички партии од произволно мешање од страна на властите, туку ја штити и самата демократија,
бидејќи секое ограничување на слободата на изразување во овој контекст без
доволно предвидливи прописи може да и наштети на отворената политичка дебата, легитимноста на процесот на гласање и резултатите од гласањего и, на
крајот, врз довербата на граѓаните во интегритетот на демократските институции
и нивната посветеност на владеењето на правото, образложил второстепениот суд.

ЈАНУШЕВ КЛЕВЕТЕЛ, АМА НЕ ТРЕБА ДА ПЛАТИ

Но само неколку пасуси подолу, следува обрзаложение дека иако обвинителката е јавна личност и треба да подлежи на критика, сепак била наклеветена со што и бил нарушен честа и угледот. Клеветата , според судот, ја сторил Игор Јанушев, како овластено лице на партијата.

– Судот утврди одговорност на тужениот И.Ј. затоа што истиот како овластено лице на второтужениот и во својство на учесник во Изборната кампања 2020 година, на електронските и ТВ медиуми ширум Република С.М., извршил јавно објавување на два изборни ТВ спотови кои содржат невистинити факти за тужителката, на кој начин и ги нарушил честа и угледот на јавната обвинителка.
Согласно утврденото во фактичка состојба овој суд наоѓа дека со содржината на објавените ТВ спотови била извршена дискредитација на тужителката и нејзиниот приватен живот, односно на нејзината професионална репутација, како право кое е под заштита на Членот 8 од Европската Конвенција, одлучил второстепениот суд.

Понатаму судот образложил дека треба да и се даде заштита на обвинителката бидејќи, како што навеле, интервенцијата во слободата на изразување е нужно неопходна во едно демократско општество заради заштита на угледот и правата на другите.

-Со објавување на вакви содржини во медиумите за тужителката, првотужениот излегол од рамките на пристојно и разумно критикување на работењето на тужителката, како носител на јавна функција, пишува во пресудата.

И иако до тука се добива впечаток дека Русковска го добила спорот, сепак судот решава дека нема потреба партијата да и исплати обештетување.

-Со оглед да според овој суд утврдувањето на одговорност за сторена клевета преставува доволна морална сатисфакција за тужителката, во склоп на сите околности и водејќи сметка за пропорционалноста согласно ставовите и
праксата на ЕСЧП овој суд смета дека доволна, реална и соодветна сатисфакција за претепената штета на тужителката претставува самото утврдување на одговорноста на првотужениот за сторена клевета, па правилно барањето за надомест на нематеријална штета во износ од 615.000,00 денари го одбил како
неосновано, стои во пресудата.

РУСКОВСКА ПОБЕДИЛА, АМА ОСТАНАЛА И СО ПРАЗЕН ЏЕБ

Но тоа не е се. Судот оди и чекор понатаму, па одлучува дека секоја странка треба да си ги плати своите трошоци, кои ги имала за постапката.

-Секоја странка да си ги сноси своите трошоци кои настанале во текот на постапката со оглед дека странките делумно успеале во спорот… Жалбата на тужителката е делумно уважена и тоа само во делот за утврдување на клевета спрема првотужениот, а во останатиот дел пресудата према останатите тужени спрема кои е одбиено тужбеното барање е потврдена, пишува во пресудата.

Но, од ВМРО-ДПМНЕ, и покрај позитивниот финансиски исход за нив, не се задоволиле со пресуденото, па побарале ревизија од Врховниот суд. Највисокиот суд ја отфрлил ревизијата, со што на сила останала пресудата на Апелација.

Заклучокот е дека обвинителката Русковска издвојувала морална победа, но и финансиски била оштетена бидејќи самата, иако била победник, си ги платила судските и адвокатските трошоци.

Валентина Вурмо

Поврзани новости