Русковска: Факт е дека Јанева зела пари

by Frosina Fakova

Обвинението се темели на докази, и материјални и од сведочење на поранешни колеги на Катица Јанева, така што апсолутно не е точно дека обвинението се темели само врз база на исказ на еден сведок, изјави јавната обвинителка Вилма Русковска по завршување на денешното рочиште за случајот Рекет.

Прашана дали докажале пред судот дека обвинетите примиле пари, Русковска кажа дека факт е оти Јанева примила пари.

– Факт е дека поранешната колешка примила 50 илјади евра од Бојан Јовановски, што апсолутно не е дозволиво за ниту еден обвинител. Воопшто не битно дали тие потекнуваат од брачната двојка Камчеви или од некои други лица. Главно, примила пари што не е дозволиво по закон, изјави Русковска.

Таа објаснува дека на фотографијата, односно клипот на кој се гледа Јанева со парите, на пачката од банката, со која биле обвиткани парите, се гледал износот, односно дека се 50.000 евра. Таа призна дека постои антагонизам, односно нетрпеливост меѓу неа и Јанева, откако бил отворен предемтот „Рекет“, во којшто Јанева е обвинета.

Обвинителството, нагласи Русковска, со кое што моментално раководи, за ниту еден предмет нема да поднесе обвинение само врз база на исказ на еден сведок или оштетен.

– Предметите физички воопшто не се донесени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Сите тие предмети се уште се наоѓаат во просториите на поранешното СЈО и по истите постапуваат колегите кои и претходно постапувале по истите. Од време на време доаѓаат да ми реферираат за постапките и во која фаза се, но сакам јавноста да знае дека истите обвинители постапуваат по тие предмети, изјави Русковска.

Во однос на тоа дека некои од истрагите се забавени, Русковска тврди дека тоа не е така и потсетува дека веќе три месеци се наоѓаме во фаза на пандемија.

– На судот, ако предметите и да се готови на пример, што не се, но да се готови, било кој предмет кој не е притворски во судот, не ни го примаат обвинението дури не заврши пандемијата, изјави Русковска.

 

Поврзани новости