Русковска: Документот од Албанија за бегството на Груевски не открива ништо ново

by fokus

Документот од Албанија кој неодамна го доби Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а во врска со бегството на екс премиерот Никола Груевски, не открива ништо ново, вели обвинителката Русковска за „Фокус“.

-Го разгледав документот, но нема ниту една корисна, нова информација. Пишува на кој граничен премин Груевски излегол од Албанија и каде влегол во Црна Гора, а тоа веќе го добивме како информација од Црна Гора. Албанија не го открива она што ние го баравме, а тоа е како влегол во нивната држава. Исто така нема информации, ниту снимки, за хотелот во Албанија каде што бил Груевски, изјави Русковска за „Фокус“.

Албанија претходно одби да ги достави и снимките од граничните премини, под изговор дека се избришани.

Снимки од граничните премини предаде Црна Гора, а се разгледуваа и снимки од камерите на македонските гранични премини, како и од камерите низ Скопје.

За бегството на Груевски во Будимпешта, Унгарија, во обвинителството исказ досега дадоа телохранителите на екс премиерот и други сведоци.

Груевски минатата година избега од Македонија за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Груевски преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.

Валентина Вурмо

Поврзани новости