Обвинителката Вилма Русковска, во интервју за 24 Телевизија, најави дека е можно истрагата за „Рекет“ да се прошири и за други лица ако се обезбедат цврсти докази.
-Во која насока ќе оди истрагата и во зависност од тоа во која насока ќе се движи, можно е да се прошири истрагата и за други лица, особено ако обезбедиме цврсти докази, рече Русковска.
Таа потенцираше дека истрагата засега опфаќа само две осомничени лица, кои веќе се во притвор.
Обвинителството за организиран криминал и корупција ги сомничи Бојан Јовановски и Зоран Милевски затоа што наводно рекетирале познат бизнисмен кој бил под истрага на СЈО.
Рекетот се одвивал на тој начин што првоосомничениот Јовановски од бизнисменот барал, и успеал да добие, пари во замена за ослободување од кривично гонење. Од првично бараната сума од 8 милиони евра, цената била спуштена на 5 милиони, за на крајот 1,5 милиони евра му биле исплатени на првоосомничениот од страна на бизнисменот. Меѓу осомничените и бизнисменот за кој се воделе истражни постапки биле реализирани повеќе средби за кои посредувал второосомничениот Милевски.
„При овие средби, од сведокот биле побарани 8 милиони евра за да се запре истражната постапка против него. Доколку постапката не се запре, тогаш во насока на изнаоѓање олеснителни околности, сведокот требало да исплати 5 милиони евра, со тоа што веќе дадените еден милион евра, во вториот наврат влегувале во тој износ. Останатите 4 милиони евра било договорено да се исплаќаат на рати“, изјави обвинителката Вилма Рускоска.
Првоосомничениот, како што објасни Рускоска, го искористил „своето влијание врз јавен обвинител“, или со други зборови, се повикувал на своето познанство со обвинителот за да добие пари од бизнисменот во замена за „олеснување на неговата положба“ во постапката.