Судскиот совет му го одзеде имунитетот, а не одобри притвор за нивниот член, Зоран Теофиловски, но сега Обвинителството ја проблематизира нивната одлука и сепак бара судијата на претходна постапка да се произнесе по нивниот предлог Теофиловски да оди во Шутка.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за „Фокус“ потврдуваат дека испратиле барање до судијата на претходна постапка, Седат Реџепагиќ да се произнесе за предлогот за притвор.
-Ниту во Уставот, ниту во Законите за Судски совет пишува дека членовите на советот уживаат имунитет, брифираат од Обвинителството. Од таму објаснуваат дека со престанувањето на судиската функција и станувањето на член на Судскиот совет, Теофиловски го изгубил правото на имунитетот, бидејќи судиите имаат имунитет, но не и членовите на Судски совет.
Обвинителството на 30-ти декември отвори истрага за осум лица за злоупотреба на службената положба, меѓу кои и за Теофиловски кој е првоосомничен за нелегална приватизација на земјиште. Тој се товари дека кривичното дело го сторил кон крајот на август 2011 година, како претседател на спортско здружение од Тетово и заедно со другите осомничени го оштетил буџетот за околу 860 илјади евра. Имунитетот на Теофиловски се проблематизира и затоа што кога го сторил кривичното дело не бил ниту судија, ниту член на судски совет, туку цивилно лице.
По отворањето на истрагата, судијата не беше достапен за органите на прогонот 24 часа. Потоа сам се пријави во судот и се повика на имунитетот. Судијата на претходна постапка Реџепагиќ во разговор за „Фокус“ вели дека тој за неговото барање морал да го извести Судскиот совет.
-Јас како судија ниту давам, ниту одземам имунитет. Човекот се повика на имунитет и Судски совет му го верификува, вели Реџепагиќ.
Оваа одлука на Судски совет е конечна и нема кој да ја преиспитува, па судијата вели дека мора да ја почитува и да ја земе предвид. Барањето од Обвинителството се уште не е стигнато во Судот, а откако ќе стигне Судот ќе се произнесе.
Непосредно пред Нова година, на седница на 31 декември, Судскиот совет донесе решение со кое му го одзеде имунитетот на нивниот колега, но не одобри притвор.
-Судскиот совет донесе решение со кое го одзеде имунитетот на член на Советот заради непречено водење на кривичната постапка, и донесе решение со кое не го одобри барањето за определување на мерка притвор за член на Советот, поднесено од страна на судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје, соопштија од Советот.
Претседателот на Судски совет, Киро Здравев не одговара на повиците за да одговори на прозивките за одлуката што ја донесоа.
Теофиловски пред една година стана член на телото кое именува и разрешува судии, а на позицијата дојде од гостиварскиот апелациски суд. Тој е во роднинска врска со поранешната претседатлка на Советот, Александра Зафировска.
Ф.Ф.С.