Русковска: Ако е работено сѐ по закон, тогаш не ја разбирам паниката за Муареми

by Fokus

Обвинителката Вилма Русковска, пак, вели дека  претставката за првиот човек на Финасиската полиција, Арафат Муареми, била испратена уште минатиот вторник, само еден ден откако обвинителите го започнаа претресот во државната институција, пишува Дојче Веле.

Тоа што информацијата се споделува со јавноста една недела подоцна, според Русковска, претставува директен притисок врз нивната работа.

-Со оглед на тоа дека претставката е поднесена минатиот вторник до обвинителот Јовески, нејзиното соопштување сега во јавноста го сметам за директен притисок врз работата на обвинителството и судот, вели Русковска за ДВ.

Таа е изненадена од реакцијата на Муареми. „Ние само проверуваме наводи во пријава и во тоа нема ништо лично. Ако е работено сѐ по закон, тогаш не ја разбирам паниката и притисокот што се прави, ќе повторам, врз обвинителството и судот“, вели Русковска.

Муареми, во врска со претресот што Обвинителството за организиран криминал го започна на 18 јули, денеска соопшти дека има суштествени недостатоци на наредбата за претрес и начинот на постапувањето при неговото спроведување.

-Поради „низата недоследности, нелогичности, излегувањето надвор од рамките на законската практика, како и неоснованоста на примена на мерката претрес, кои упатуваат на прилично самоволие во постапувањето на Обвинителството од страна на Управата за финансиска полиција, до Јавниот обвинител е поднесена претставка, согласно своите законски надлежности да го испита постапувањето на наведеното обвинителство во конкретниот случај“, се вели во соопштението.

Муареми оценува дека со овие дејствија била нанесена голема штета на угледот на Управата за финансиска полиција, на сите вработени во Управата, но и на неговиот углед како директор.

Обвинителството за организиран криминал и корупција минатата недела влезе во Управата за финансиска полиција. Првичните информации беа дека наредбата е издадена по пријава на група граѓани против директорот.

Поврзани новости