Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска предложи зголемување на бројот на војници во руската армија, од сегашните еден милион на 1,5 милиони во услови на борби во Украина. Тој, исто така, најави зголемување на старосната граница за воена служба.
– Неопходно е да се зголеми бројот на вооружени војници на 1,5 милиони војници, вклучително и 695.000 војници- доброволци со договор, му порача Шојгу на рускиот претседател Владимир Путин, кој се „согласи” со предлозите, на состанокот за одбрана. Тој не кажа кога војската планира да ја достигне таа цел.
На завршниот колегиум на воениот оддел, Шојгу рече дека Министерството за одбрана на Руската Федерација предлага постепено зголемување на старосната граница за регрутирање на граѓаните од 18 на 21 година, а старосната граница, односно максималната возраст за регрутирање да се постави на 30 години, пренесува ТАСС,
Воедно, Шојгу истакна дека за одржување на економијата на земјата, „повеќе од 830.000 граѓани кои работат во претпријатијата од воено-индустрискиот комплекс и во голем број други општествено значајни области кои обезбедуваат живот на државата се ослободени од воен рок”.
Исто така, Шојгу рече дека „специјалната воена операција”, како што Москва ја нарекува инвазијата на Украина, ќе продолжи и во 2023 година „додека во целост не се завршат задачите”.
Шојгу најави и дека руската војска ќе формира нови единици во западниот дел на земјата во контекст на плановите на Финска и Шведска да се приклучат на НАТО.