Италијанската премиерка Џорџо Мелони во телефонски разговор, за кој мислела дека е со „африкански лидер“, рекла дека има „многу замор“ поради војната во Украина и дека има идеи да се најде излез.
Од канцеларијата на Мелони потврдија дека таа била измамена во телефонски разговор, кој се случил на 18 септември, „од измамник кој се претставил како претседател на Комисијата на Африканската унија“, пишува Гардијан.
Според пишувањата на италијанскиот печат, всушност и се јавиле двајцата руски пранкери, Владимир Кузњецов и Алексеј Столјаров, познати како Вован и Лексус.
Вован и Лексус на социјалните мрежи објавија снимка од повикот, која трае околу 13 минути.
Исто така, познато е дека дуото на сличен начин ги измами и другите западни политичари и познати личности во обид да извлечат искрени забелешки.
Канцеларијата на Мелони преку соопштение објави дека жали за оваа измама.
Запрашана за војната на Русија во Украина, Мелони, зборувајќи на англиски, рече:
„Гледам дека има многу замор, морам да ја кажам вистината, од сите страни. Блиску сме до моментот кога сите ќе разберат – ни треба излез. Проблемот е да се најде решение што може да биде прифатливо за двете страни, без да се наруши меѓународното право“, додаде таа.
Осврнувајќи се на позицијата на Италија како прво пристаниште за влез за мигрантите кои го преминуваат Средоземното Море, Мелони се пожали дека меѓународните партнери не прават доволно за да помогнат.
„Сите се согласуваат само за фактот дека Италија мора сама да го реши овој проблем. Тоа е многу глупав начин на размислување“.
Лексус, т.е. Алексеј Столјаров, рече Мелони барем е подготвена да го сподели своето вистинско мислење.
„За жал, за разлика од неа, многу европски политичари се однесуваат како некој вид програмиран робот и изразуваат ставови кои се изразуваат само во нивните кругови“, изјави тој за Ројтерс во телефонско интервју.