Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин изјави дека руски војници влегле во воздухопловната база во Нигер, во Западна Африка, каде што се стационирани и американски војници, по барањето на новите власти на Нигер американските сили да се повлечат од земјата, пренесува денеска Франс прес.
Руското распоредување во воздухопловната база во главниот град Ниамеј ги зближува руските и американските војници во време кога Вашингтон и Москва остро се спротивставуваат околу војната во Украина.
Воените офицери кои владеат со западно-африканската нација им наредија на САД да повлечат речиси 1.000 војници од Нигер, кој до минатогодишниот државен удар беше клучен партнер во борбата на Вашингтон против исламистичките екстремисти кои убија илјадници луѓе и раселија милиони.
Запрашан за тоа на вчерашната прес-конференција на Хаваите, Лојд Остин рече дека распоредувањето на руските сили не претставува „значаен проблем“ кога станува збор за заштитата на американските сили.
Остин рече дека воздухопловната база 101, каде што се наоѓаат американските сили, е база на воздухопловните сили на Нигер во близина на меѓународниот аеродром во главниот град и дека Русите се во посебна зграда и немаат пристап до американските сили и нивната опрема.
На прес-конференцијата во Москва за ова прашање, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ниту го потврди, ниту го демантираше руското присуство во базата, туку само рече дека Москва ги развива односите со африканските земји во сите области, вклучително и во воената.
Воените власти во Нигер, кои дојдоа по државниот удар на 26 јули 2023 година, во март го осудија договорот за воена соработка што е во сила со САД, оценувајќи дека САД го наметнале еднострано и порачаа дека американското присуство во земјава отсега се смета за „незаконско“.
Во средината на април, Вашингтон се согласи да ги повлече своите речиси 1.000 војници од Нигер. Разговорите меѓу САД и Нигер сè уште се во тек за условите за повлекување, изјави минатата недела шефот на американската воена команда за Африка.
САД имаат важна база за беспилотни летала во близина на Агадез, Нигер, која е изградена за околу 100 милиони долари.
По државниот удар во кој беше соборен избраниот претседател Мохамед Бажум, од воените власти исто така беше побарано брзо да ги напуштат војниците на поранешната колонијална сила на Франција.
Нигер се приближи до Русија, како и соседните Мали и Буркина Фасо, каде што војската е исто така на власт и се соочуваат со екстремистичко насилство од групи поврзани со Ал Каеда и Исламската држава.
Во април, руски инструктори пристигнаа во Ниамеј, бидејќи властите во земјата ја примија првата пратка со руска воена опрема.