Руските сили воспоставуваа одбранбени позиции во и околу нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина во последните неколку недели, пишува Ројтерс.
Околу окупираниот град Енерходар, каде се наоѓа најголемата нуклеарна централа во Европа, руски војници ископале нови ровови и поставиле мински полиња. Надзорните камери во самата нуклеарна централа се насочени кон север, кон територијата контролирана од украинските сили.
Руските сили, пренесува Ројтерс, пред неколку месеци поставиле оружје на некои од покривите на нуклеарната централа. Тие поставија мрежи околу нив за да спречат напади со беспилотни летала.
Двајца Украинци кои работат во централата и уште двајца жители на Енерходар решија да зборуваат за руските воени мерки во и околу нуклеарната централа, но побараа анонимност бидејќи се плашат за сопствената безбедност во градот под руска окупација.
Петро Котин, директор на украинската државна нуклеарна агенција Енергоатом, изјави за Ројтерс дека не верува дека украинската војска директно ќе ја нападне централата, но може да се обиде да ги принуди Русите да бегаат со прекинување на линиите за снабдување.
Руските сили, да потсетиме, ја зазедоа нуклеарната централа Запорожје во првите денови од инвазијата на Украина.