Руските сили овој месец го нападнаа Киев по деветнаесетти пат

by Fokus

Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија лансирала 62 беспилотни летала во текот на ноќта, но противвоздушната одбрана уништила 33 од нив над Киев и други региони, а 25 се водат за исчезнати.

Деветнаесет воздушни напади врз Киев во октомври, напиша на Телеграм – Серхи Попко, шеф на воената администрација во Киев.

Отпадоците што паднаа од уништените беспилотни летала предизвикаа пожар во повеќекатната станбена зграда во западниот кварт Соломјански во Киев, при што беа повредени најмалку девет лица, меѓу кои и едно 11-годишно девојче, изјави градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм.

Од зградата се евакуирани 19 лица, соопшти градската воена управа, која објави и фотографии од зградата со издувани прозорци и оштетувања, за која велат дека е градинка во Соломјански.

Очевидци на Ројтерс на местото на настанот виделе пожарникари како се обидуваат да го изгаснат пламенот во станови во станбена зграда со неколку разнесени прозорци, пренесува Хина.

Во текот на ноќта повеќе од два часа беше во сила воздушна тревога низ Киев, околниот регион и речиси цела источна половина на Украина.

Ден претходно, како резултат на напад на руски војници во областа Керсон, загинаа три лица, а 15 се повредени, објави на Фејсбук шефот на регионалната државна управа во Херсон, Олександр Прокудин, пренесува Танјуг.

Според него, цел на руската армија биле клучни инфраструктурни објекти, образовна институција, продавница и станбени области на населени места.

Девет лица се ранети, неколку станови се опожарени и една детска градинка е оштетена во 19-тиот руски напад врз украинската престолнина овој месец, соопштија во средата властите од Киев.

Во меѓувреме, руските сили за воздушна одбрана уништија 23 украински беспилотни летала над шест региони на Русија во текот на ноќта, соопшти прес-службата на руското Министерство за одбрана.

Се прецизира дека седум беспилотни летала биле пресретнати над територијата на Ростовската област, уште пет над Курската област, четири над територијата на Смоленската област, по три над Орелск и Брјанск, а последниот над Белгородската област.

Поврзани новости