Владимир Кара-Мурза, истакнат руски опозициски активист, е осуден на 15 дена затвор поради непочитување на полициска наредба, јави Радио Слободна Европа.
Окружниот суд Хамовники во Москва ја изрече казната денеска, еден ден откако Кара-Мурза беше уапсен пред неговиот дом.
Според адвокатот на Кара-Мурза, Вадим Прохоров, полицијата на сослушувањето изјавила дека политичарот „се однесувал несоодветно откако видел полицајци, ја променил траекторијата на своето движење, почнал да се движи побрзо, го игнорирал барањето на полицајците да застане и се обидел да избега“.
Прохоров го отфрли тврдењето на полицијата и рече дека Кара-Мурза бил пречекан од полицајци на влезот од неговиот станбен блок и го привеле веднаш откако излегол од автомобилот.
Близок соработник на убиениот опозициски лидер Борис Немцов, Кара-Мурза е најдобро познат по тоа што во два одвоени наврати во Москва се разболел смртно — во 2015 и 2017 година — со симптоми конзистентни со труење.
Примероците од ткиво, прошверцувани од Русија од неговите роднини, биле предадени на ФБИ, кое го истражувало неговиот случај како „намерно труење“.
Американските владини лаборатории, исто така, спроведоа обемни тестови на примероците, но документите објавени од Министерството за правда сугерираат дека тие не биле во можност да дојдат до конечен наод.