Активистот за човекови права Олег Орлов денеска беше осуден од судот во Москва на две и пол години затвор, откако беше прогласен за виновен за дискредитација на руските вооружени сили.
Орлов е приведен веднаш по изрекувањето на пресудата, пренесува Интерфакс.
Во своите завршни зборови на судењето во понеделникот, Орлов го осуди „гушењето на слободата“ во Русија, објави Ројтерс.
Орлов првично беше казнет со 1.628 долари во Окружниот суд во Москва минатата година, но беше наредено повторно судење и обвинителите побараа затворска казна од две години и 11 месеци.
Случајот повторно е упатен до судот со разјаснето обвинение, според кое Орлов сторил кривично дело мотивирано од непријателство и омраза кон воениот персонал.
Против Орлов се водеа истраги поради текст што го објави на една од социјалните мрежи, а во кој беа дискредитирани руските сили.
Повеќе од две децении, Орлов (70) беше еден од водачите на групата за човекови права Меморијал, која ја доби Нобеловата награда за мир во 2022 година, една година откако беше забранета и распуштена во Русија.