Рускиот бизнисмен Самсоненко бара 10 илјади евра за клевета од порталот НОВА

by Фокус

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко ја тужи НОВА и главниот уредник Борјан Јовановски и од нив бара 10.000 евра за „претрпена нематеријална штета од навреда и клевета“, како што е наведено во тужбата текст објавен на 20 март оваа година од авторот Сашка Цветковска со наслов „И Техномаркет со газди од Белизе““. Содржината од сторијата којашто бизнисменот според сопствените проекции ја наоѓа за клеветничка и навредлива се содржи во придружната сторија која објаснува чии бизниси во Македонија водат до крајни сопственици на иста адреса водена од иста адвокатска куќа во централноамериканската држава Белизе, позната офшор дестинација или даночно прибежиште- објави порталот НОВА. Во продолжение на нивното писмо до јавноста се наведува:
На 2 февруари 2015, новинарите Сашка Цветковска и Владо Апостолов објавија текст со наслов„Русинот Самсоненко во приказната „Инвест ин Маседониа виа Белизе“ во којшто открија дека крајната компанија-корисник на концесијата на спортската сала „Јане Сандански“ доделена од општина Аеордром е компанија од Белизе.

Овие податоци новинарите ги стекнаа пребарувајќи низ бизнис регистрите со официјални документи во државните институции на Македонија и Кипар. Накусо, тие открија дека концесионер е компанијата „Јане Сандански ДООЕЛ“, нејзин сопственик е компанијата „Бет Сити Лимитед“ од Кипар, додека сопственик на фирмата од Кипар е фирмата „Ингра Инвест Лимитед“ од Белизе.

Бизнисменот Самсоненко на ова во тужбата вели:„Новинарите во текстот наведуваат невистини….дека фирмата Бет Сити Лимитед стоела зад изградбата на Јане Сандански и хотел Русија што е невистина бидејќи таа фирма во тоа време била само сопственик на Јане Сандански“Бизнисменот не демантира дека кипарската фирма е сопственик на македонската, напротив, тоа и самиот го потврдува, на наша општа збунетост.

Редакцискиот колегиум на НОВА пред го напише ова писмо до јавноста, се состана неколку пати во обид да ја разбере суштината на тужбата која доаѓа неколку месеци по објавениот текст којшто само реферира на оригиналното и прво истражување за неговите бизниси од февруари. Тој веројатно смета дека тоа што скопската фирма е фирма ќерка на кипарската, а кипарската, пак, фирма ќерка на онаа од Белизе е нешто што нема врска со сопственоста на фирмата.

Самсоненко, исто така забележува дека тој во истражувањата на НОВА бил погрешно „презентиран како сопственик на фирмата Бет Сити“, додека за фирмата од Белизе вели дека тој „не знае кој е сопственик, ниту би можел да знае“.

Новинарите на НОВА пишаа дека во јавноста како концесионер на овие објекти (спортската сала и хотел Русија) беше презентиран рускиот бизнисмен. Новинарите не пишаа дека сопственик на фирмата од Кипар е Самсоненко, туку фирмата од Белизе, водејќи се по официјалните документи. Во јавноста, пак, новинарите на НОВА не го презентирале господинот Самсоненко како концесионер на овие објекти, туку претставници на Владата на Република Македонија, општина Аеродром и низа други медиуми, а тој се појави и во предизборен спот на ВМРО ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски.

На отворањето на салата на 14 август 2014 година, премиерот Груевски го посочува Сергеј Самсоненко како инвеститор во овие проекти, а потоа и самиот Самсоненко во говор пред граѓани го вели истото, што можете да погледнете во видеото подолу. Всушност, токму ова свечено отворање на салата не заинтригира да „копаме“ подлабоко и да видиме кој е овој бизнисмен чија империја почна да расте многу бргу по неговото селење во Македонија и да се обидеме да дознаеме од каде доаѓа капиталот за овие инвестиции. Фактот дека стануваше збор за јавно-приватно партнерство и стекнување привилегија да се користи имот на граѓаните го правеше ова истражување уште полегитимно.

Поврзани новости