Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Украина минатата недела го користела противвоздушниот систем „Патриот“ кој и го дале САД за да го собори рускиот воен авион „Иљушин-76“ во кој, според тврдењата на Москва, загинале 74 лица.
Путин исто така рече дека Русија, како и Украина, сака меѓународна истрага за инцидентот.
Москва го обвинува Киев дека го соборил авионот при што загинаа 74 патници, вклучително и 65 украински воени затвореници кои беа на пат да бидат разменети за руски затвореници. Украина ниту потврди ниту демантираше дека го соборила авионот и побарала доказ кој бил во авионот.
„Авионот беше соборен и дефинитивно утврдивме дека е соборен од американскиот систем Патриот. Бараме да се спроведе меѓународна истрага. Ниту една меѓународна организација не сака да го направи тоа“, посочи Путин.
Тој додаде дека Украинците истрелале два проектила кон авионот.