Рускиот амбасадор барал средба со Османи, но не добил одговор

by fokus

Против Русија се води вистинска информативна војна и терор, изјави рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин.

-Се користат сите расположливи средства за да се дискредитира раководството на нашата земја, нејзините вооружени сили, да ни се припишат планови кои ги немаме. Нашите опоненти не се колебаат да објават лажни вести и за дејствата на руските војници, вклучително и наводното таргетирано бомбардирање на станбени квартали, рече Баздникин во гостувањето на ТВ Сител.

Според него, листата на непријателски земји на Русија, меѓу кои е и Македонија, е реакција на постапката на другите земји кон неа.

-Досега врз Русија се спроведени 5530 рестриктивни мерки и за жал, во нив се вклучи и македонската влада. Испраќањето оружје за Украина од ваша страна го карактеризираме како неоправдан ризик за безбедноста на руските војници. Медицинската опрема е друга приказна, но ние поаѓаме од владиното соопштение, рече рускиот амбасадор и најави дека ова е само почеток и дека се можни и други возвратни мерки од Москва.

Тој додаде дека иако барал средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи околу, како што вели, „руската операција во Украина“, до седми март немал никаков контакт, кога беше повикан во МНР и му беше врачена вербална нота.

-Имаме дипломатски односи и поаѓаме дека треба да зачестат контактите. Подготвен сум да се сретнам со челниците на земјата во секое време и да објаснам за сѐ околу ситуацијата во Украина, изјави Баздникин.

Поврзани новости