Украинските сили се борат со руските војници на улиците на североисточниот украински град Харков, втор по големина град во Украина, изјави регионалниот гувернер Олех Синегубов.
-Воени возила на рускиот непријател упаднаа во Харков, вклучувајќи го и центарот на градот, рече Синегубов. -Вооружените сили на Украина го уништуваат непријателот. Ги замолуваме цивилите да не излегуваат.
На видеата објавени од Антон Херашченко, советник на министерот за внатрешни работи, и Украинската Државна служба за специјални комуникации и заштита на информации, се гледаат неколку воени возила кои се движат по улица и, одделно, запален тенк.
-Ситуацијата во Киев е мирна, главниот град е целосно е под контрола на украинската армија и одбранбените сили, рече Микола Поворозник, првиот заменик-шеф на градската државна управа на Киев, во изјава објавена непосредно пред 7 часот по локално време.
Сепак утрово во Киев беше регистрирана силна експлозија во западниот дел на главниот град на Украина. Во градот на сила беше полициски час до осум часот наутро.
Руски ракети паднаа врз украинскиот град Василкив југозападно од главниот град Киев, при што е запален нафтен терминал, изјави градоначалничката во видео објавено на интернет.
„Непријателот сака да уништи се наоколу“, рече градоначалничката Наталија Баласинович.
Фотографиите и видеата објавени на интернет покажуваат огромен пламен кој го осветлува ноќното небо. Локалните власти ги предупредија жителите да внимаваат на можните отровни испарувања.
Русија претрпе значителни загуби во четвртиот ден од војната против Украина, при што Украинските одбранбени сили соопштија дека во текот на вчерашниот ден собориле 18 хеликоптери, 16 авиони, 102 тенкови, 540 борбени возила, еден ракетен систем Бук.
Abandoned and damaged Russian Tigr-M vehicles in Kharkiv. https://t.co/z27GOxQv27 pic.twitter.com/mHITxIJJ3K
— Rob Lee (@RALee85) February 27, 2022