Вчера наутро на раскрсницата пред средното училиште ,,Кирил и Методиј,, во Неготино се случи сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила. Од СВР Велес за ,,Фокус” го потврдија настанот, во кој што е причинета материјална штета.
Ова не е прв пат на истата локација, во близина на автобуската станица и гимназијата во која секојдневно во две смени учениците посетуваат настава, да се случи сообраќајна несреќа. Причината најчесто е брзото возење, но и фактот што повеќето возила, од кои голем дел се товарни, се движат по удолницата од индустриската зона.
Родители на учениците во гимназијата во повеќе наврати апелираат до локалните власти да се постават лежечки полицајци и соларни светлечки маркери како предупредување за возачите, бидејќи секојдневното преминување на раскрсницата е еден вид на Руски рулет за нивните деца.
-Наутро уште пред седум часот започнува со настава првата смена, значи уште не е сосема разденето кога одат децата на училиште, навечер се случува втората смена да заврши со настава и во седум часот, ако има седум часа, што значи дека децата повторно во мрак се враќаат дома.
Раскрсницата е доста прометна за камиони и автобуси, возат залетани по удолницата. Лежечките полицајци не се голема инвестиција и трошок за општината, не знаеме зошто се чека на нивно поставување. И осветленоста е слаба на местото каде учениците преминуваат, а соларните светлечки маркери се продаваат по цена од околу 20 евра парче. Мора да се превземе нешто за безбедноста на децата – велат загрижени родители во разговор за ,,Фокус”.
Ученици од трета година во гимназијата пред три дена за малку ќе биле прегазени од автобус кога се враќале од училиште на истата раскрсница. Го потврдија настанот и додаваат дека автобусот се движел многу бргу, па едвај успеал да закочи на половина метар од нив.
Пред неколку месеци, залетан автомобил од улицата Индустриска заврши во оградата на автобуската станица, пред истата раскрсница, а урнатините на оградата стоеја како потсетник на настанот со недели пред да бидат санирани.
Неготинчани се сеќаваат и на случајот од пред повеќе години, кога залетан камион заврши во сендвичарата пред гимназијата и однесе дел од неа, а неколку ученици кои во тоа време си купуваа ужина беа повредени.
И покрај низата на несреќни случаеви, за безбедноста на учениците на овој дел од градот се уште се нема превземено ништо.
И родители на ученици во основните училишта ,,Страшо Пинџур” и ,,Гоце Делчев” во повеќе наврати апелираат да се постават лежечки полицајци пред училиштата. Пред ОУ Страшо Пинџур има еден кој е делумно искршен, додека пред ОУ Гоце Делчев никогаш не ни бил поставен, иако се работи за доста прометна улица.
-Разговарав со директорот на училиштето на темава, и тој ми рече дека никој не се јавил на тендерот за лежечките полицајци, затоа се чекало – револтирано раскажува родител.
Од ОУ Страшо Пинџур пак, во минатото во неколку наврати било доставено барање до Советот на општината, во кое освен лежечки полицајци на улицата ,,Партизанска” се барало и поставување на истите на спротивната улица ,,Маршал Тито” бидејќи учениците постојано преминуваат преку неа, но никогаш не добиле повратен одговор.
Родителите реагираат и посочуваат дека во соседниот град, Кавадарци, околу сите училишта се поставија лежечки полицајци, се изгради и мост како алтернативен премин за учениците по барање на граѓаните, се изработија 3Д пешачки премини, а целиот низ град се поставени и соларни светлечки маркери.
Со право прашуваат зошто се чека и не се превземат мерки за безбедноста на децата.
Вики Клинчарова
Фото: Тазе.мк