Седум лица загинаа, а 77 се повредни во руски ракетен напад врз станбена зграда и игралиште во североисточниот украински град Харков, соопштија украинските власти.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека меѓу убиените е и едно 14-годишно девојче.
Градоначалникот на Харков, Игор Терехов, на Телеграм потврди дека едно дете е убиено на игралиште и информира дека од ударот се запалила 12-катна станбена зграда.
Опожарени се и неколку автомобили паркирани во близина на зградата.
По нападот врз Харков, Володимир Зеленски повторно ги повика западните сојузници на Украина да му дозволат на Киев да користи оружје со долг дострел доставено од Запад за напади на руска територија.
– Нападот немаше да се случи ако нашите одбранбени сили имаа способност да уништат руски воени авиони каде што се распоредени.
Нема рационална причина зошто треба да ја ограничиме одбраната на Украина, рече Зеленски на Телеграм.
Според Киев, најефикасниот начин да се спречат напади како оној на Харков е да се соборат руските авиони кои лансираат проектили во Украина.