Руските обвинители побараа од судот во Москва да го приведе Игор Гиркин под обвинение за поттикнување екстремистички активности, јавуваат руските новински агенции.
Гиркин, познат и како Стрелков, претходно го обвини Владимир Путин за слабо одлучување за време на инвазијата на Украина.
Сопругата на Стрелков го потврди притворот. Според неа, персоналот на Истражниот комитет пристигнал околу 11:30 часот и го однел нејзиниот сопруг во непознат правец.
Таа додаде дека Стрелков е обвинет по член 282 од Кривичниот законик на Руската Федерација, кој опфаќа екстремизам.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до пет години, јавуваат руските агенции ТАСС и РИА.
Антон Герашченко, советник на украинското Министерство за внатрешни работи, на Твитер објави видео од Гиркин за време на судското сослушување.
Поранешниот офицер на Федералната служба за безбедност, кој е познат и како Игор Стрелков, ѝ помогна на Русија да го анектира Крим и организираше проруски милиции кои освоија делови на источна Украина во 2014.
Тој исто така беше обвинет за директна вмешаност во соборувањето на малезискиот авион над Украина во 2014, кога загинаа 298 патници и членови на екипажот, за што холандскиот суд лани го осуди на доживотен затвор.
Гиркин досега се сметаше за недопирлив поради неговите реноме и врски со властите, но во изминатите месеци стана нивни гласен критичар.
Во мај објави дека го формира Клубот на гневните патриоти, со цел да влезе во политиката и, како што кажа, да ја спаси Русија од хаосот кој би можел да уследи поради воените неуспеси во Украина.