Во текот на ноќта и утрово Русија ја нападна Украина со крстосувачки ракети од стратешки бомбардери, а нешто подоцна следеше и самоубиствен напад со беспилотно летало, соопштија украинските власти.
Според податоците на украинските воздухопловни сили, шест авиони Ту-95МС полетале за Украина, пренесува Укринформ.
Во Киев утринава се слушнаа експлозии откако украинските воздухопловни сили ја ставија целата земја во готовност за воздушен напад по лансирањето руски ракети.
Во првиот ракетен напад по повеќе од два месеци, Русија употреби крстосувачки ракети лансирани од стратешки авиони, како и балистички ракети, соопшти украинската војска.
„Експлозии во градот. Силите за воздушна одбрана оперираат. Останете во засолништа“, објави градската управа на Киев на Телеграма.
Во исто време Русија ја нападна и Украина со беспилотни летала.
Самоубиствени беспилотни летала се забележани на многу области, а според последните податоци на украинските воздухопловни сили, една група била лансирана кон Киев, пренесува Укринформ.
Украинските власти не соопштуваат дали во нападите досега има жртви или материјална штета.