Руски милијардери ќе се жалат на санкциите на ЕУ и бараат војната да запре

by fokus

Откако некои од најбогатите руски олигарси беа исклучени од глобалниот финансиски систем, милијардерите Михаил Фридман и Пјотр Авен порачаа дека ќе се обидат да ги оспорат санкциите на Европската унија воведени против нив, поради руската инвазија на Украина.

Руската економија се соочува со една од најтешките кризи од распадот на Советскиот сојуз од 1991 година, откако Западот воведе санкции на речиси цел руски финансиски и корпоративен систем по инвазијата на Украина.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека „посебната воена операција“ е клучна за гаранција на руската безбедност откако САД го прошириле НАТО до руските граници и го поддржале прозападното водство на Украина.

Некои од олигарсите кои се збогатиле во транзицискиот хаос во деведесеттите, претходниве денови јавно повикаа на мир. Меѓу нив е и Фридман, кој е роден во украинскиот град Лавов.

Но, ЕУ во понеделникот воведе санкции за Фридман и Авен, долгогодишни партнери кои заработиле милијарди од нафта, банкарство и малопродажба. Тие најавуваат дека ќе ги оспорат санкциите оти обвинувањата се лажни и клеветнички.

-Овие санкции се неправедни. За мене тоа што се случува во Украина е голема трагедија. Војната треба да запре, рекол Фридман, но не ја коментирал руската политика оти била чувствително прашање.

Западот вели дека санкционирањето на најбогатите луѓе во Русија претставува притисок врз Путин, иако многу олигарси сметаат дека Запад е наивен ако мисли дека рускиот претседател ќе ги послуша ставовите на бизнисмените, посебно за прашањето на национална безбедност.

Сепак ЕУ смета дека двајцата се блиски со Путин и главни негови финансиери.

Поврзани новости