Откако Русија ја отпочна таканаречената специјална воена операција во Украина на крајот на февруари годинава, многу руски компании го преселија бизнисот на Балканот, при што не е одмината ниту Македонија, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.
Според официјалните податоци што ги обезбедивме од Централниот регистар, моментално во земјава има 84 активни правни субјекти, во чија сопственичка структура има други руски компании и/или руски државјани, од кои 10 се формирани годинава, а 8 од нив по руската инвазија во Украина.
Станува збор за компании основани од 2001 година досега, кои претежно се заминаваат со информатичка технологија, меѓутоа значаен дел од нив припаѓаат и на секторите за иновации, образование, трговија, маркетинг, угостителство, како и градежнижништво.
Инаку, по руската воена интервенција во Украина кон крајот на февруари годинава, руски бизнисмени почнаа масовно да отвораат компании во Србија, со цел да ги ублажат ударите од западните санкции, кон кои се придрижи и Македонија.
Во еден период, никнуваа и по 10 компании руски фирми и претприемништва во Белград, Нови Сад, Ниш, Крагујевац и други српски градови, што претставува една четвртина од вкупниот број активни фирми чии основачи се од Руската Федерација. Притоа, рекордни 50 фирми се основани само во еден ден, т.е. на 25-ти март.
Иако е кандидат за членство во ЕУ, официјален Белград не се придружи кон европските санкции кон Русија поради нападот врз Украина. Покрај тоа, на Русите не им треба виза за влез во Србија, додека државната авиокомпанија „Ер Србија“ е една од ретките европски компании кои се уште летаат за Москва, но и за Санкт Петерсбург.
Сепак, уште една балканска држава е посакувана дестинација за рускиот капитал. Тоа е Црна Гора, полноправна членка на НАТО, која, за разлика од Србија, се придрижи на голем дел од санкциите кон Русија. Сепак, и таму од февруари до јуни оваа година евидентирано е отворање над илјада руски компании.
Исто така, руски компании во овој период се отвораат во Хрватска, Босна и Херцеговина, Турција, додека не е целосно заобиколена ниту Македонија. Арно ама, треба да се нагласи дека реалниот број на фирми со руски капитал во земјава е многу поголем, бидејќи многу од нив не делуваат преку матичната држава, туку користат трети земји, што претежно важат за специфични јурисдикции и овозможуваат разни даночни и други тип на финансиски олеснувања.
Целата сторија во која се обработуваат фирмите со руски капитал прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко СТОЈАНОВСКИ