Руски воен авион во четвртокот доцна навечер случајно истрелал проектил врз градот Белгород во Русија, во близина на границата со Украина, предизвикувајќи експлозија и оштетување на згради, јави руската новинска агенција Тас, повикувајќи се на Министерството за одбрана.
Локалните власти известија за голема експлозија во град веднаш преку границата со Украина. Регионалниот гувернер рече дека две жени се повредени.
„Додека авионот Сухој Су-34 летал над градот Белгород, дошло до случајно испуштање на оружје“, објави Тас.
Су-34 е суперсоничен ловец-бомбардер. Не беше кажано за какво оружје станува збор.
Министерството соопшти дека се оштетени некои згради и објави дека истрагата веќе е во тек, наведува руската агенција, а пренесува Ројтерс.
Гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, објавувајќи вонредна состојба, на Телеграм изјави дека на една од главните улици има кратер од 20 метри, без да прецизира што го предизвикало. Оштетени се четири автомобили и четири станбени згради, додаде тој.
На видео снимката од местото на настанот се гледаат купишта бетон на улицата, неколку оштетени автомобили и зграда со скршени стакла. На едно од видеата се гледа автомобил наопаку на покривот на една продавница.