Руските сили денеска го почнаа нападот врз челичарницата Азовстал во Мариупол, каде се сместени и цивили заедно со украинските војници.
Украинскиот центар за стратешки комуникации во Националниот совет за безбедност и одбрана денеска соопшти дека „Русите се обидуваат да упаднат на територијата на Азовстал“.
Украински војници кои ја бранат челичарницата рекле дека операцијата на руските сили за упад во последниот џеб на отпорот во градот е во тек, пренесува новинската агенција Асошиејтед прес.
Пред неколку дена пак, Владимир Путин рече дека ги откажал плановите за таква операција. Путин рече дека наместо упад, руските сили треба да ја блокираат огромната фабрика „за мува да не може да помине“.
Градоначалникот на Мариупол Вадим Бојченко изјави дека во фабриката има уште 200 цивили.