Руската амбасада во Париз бара од француските власти објаснување за причините за апсењето на Павел Дуров, сопственикот на Телеграм. Досега не наидовме на никаква соработка, велат од руската амбасада во француската престолнина.
„Откако во медиумите се појави веста за апсењето на Павел Дуров, веднаш побаравме од француските власти да ги разјаснат причините за апсењето, побаравме од денеска да се заштитат неговите права и да се обезбеди конзуларен пристап, но француските власти избегнаа интеракција по ова прашање“, изјавија за РИА од прес-службата на руската дипломатска мисија во Париз.
Реагираше и Марија Захарова, портпаролката на руското МНР, која ги повика меѓународните невладини организации да излезат во одбрана на Дуров, бидејќи како што вели таа, во 2018 година токму тие го повикале Кремљ да не ја блокира оваа апликација.
Захарова на својата Телеграм достави список на невладините организации кои во 2018 година побарале од руските власти „да престанат да создаваат пречки“ во работата на Телеграм и праша дали сега ќе го бранат извршниот директор на таа платформа Павел Дуров, пренесе руската агенција.
„Се сетив како во 2018 година група од 26 невладини организации, вклучително Хјуман рајтс воч, Амнести интернешенел, Фридом хаус, Репортери без граници, Комитетот за заштита на новинарите и други, ја осудија одлуката на рускиот суд за блокирање на Телеграм“, напиша Захарова.
Основачот на Телеграм, кој има француско државјанство, бил приведен на аеродромот во Париз Бурж веднаш откако го напуштил приватниот авион со кој полетал од Азербејџан.
Според локалните медиуми, француското правосудство смета дека Дуров е вмешан во бројни злосторства и може да се соочи со обвиненија за тероризам, трговија со дрога, измама и перење пари.
Според францускиот новинар Кирил Амурски, на овој бизнисмен му се заканува казна затвор до 20 години.