Руската амбасада со реакција до Бујар Османи: Не ги спомена сите жртви на гранатирање

by fokus

Руската амбасада во земјава со објави на социјалните мрежи реагираше на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дадени за време на посетата на Украина во врска со цивилните жртви при руските напади, забележувајќи му дека при тоа не ги споменал загинатите при украинските гранатирања.

Во објава на Амбасадата на социјалните мрежи Фејсбук и Телеграм се наведува дека претседавачот на ОБСЕ, Османи шпекулирал „за жртви на руската агресија, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев“.

– Но, кога пристигна на железничката станица во Киев, војниците на Зеленски ги гранатираа Доњецк и Макеевка (Доњецка Народна Република): има мртви, ранети се уште беа под урнатините, се вели во објавата.

Според Амбасадата, Османи досега не ги споменал жртвите од гранатирањата од страна на украинските сили, „како и сите загинати и ранети од агресијата на киевскиот режим врз Донбас од 2014 година, чиј број изнесува илјадници“.

– „Се работи за луѓето“, велите?, се додава во објавата.

Министерот Османи за време на посетата на Киев во понеделникот изрази „силна осуда“ за континуираната руска агресија врз Украина, потенцирајќи дека нападите врз цивилни цели немаат никакво оправдување.

Османи при тоа го осуди рускиот напад врз станбена зграда во Дњепар во саботата, во кој, според последните податоци, загинаа 45 лица, меѓу кои и шест деца, околу 80 се повредени, а 20 се уште се водат како исчезнати. Шефот на дипломатијата, при тоа, ја повика Русија да ја прекине војната и повторно да се посвети на принципите на ОБСЕ и преку дипломатски пат да се решат сите предизвици.

Поврзани новости