Руска новинарка претепана во Чеченија

by Fokus

Руската новинарка Елена Милашина, која ја откри акцијата против геј мажите во Чеченија, била тешко претепана во напад во јужната руска република, соопшти весникот „Новаја Газета“.

„Милашина и адвокатот Александар Немов биле на пат да присуствуваат на судската пресуда на активист за човекови права во регионалниот главен град на Чеченија, Грозни, кога нивниот автомобил бил блокиран на патот и нападнат од вооружени лица, кои и ги скршиле прстите на новинарката, го избоделе адвокатот, и им ја скршиле опремата“, пишува „Новаја Газета“.

Сликите објавени од весникот ја прикажуваат Милашина, чија глава изгледаше како да е избричена, покриена со зелена материја и со завои на двете раце, пренесе Си-Ен-Ен.

„Неколку маскирани лица жестоко ги претепаа Елена и Александар, им ги зедоа телефоните, барајќи да ги одблокираат, им ја уништија опремата и документите. Ги тепаа со палки и ги клоцаа со нозете. Елена Милашина има затворена рана на главата и неколку скршени прсти на рацете“, се вели во соопштението на „Новаја Газета“.

Според соопштението од весникот Милашина неколку пати се онесвестила.

Немов бил претепан и избоден со нож, но сепак планирал да присуствува на судското рочиште, пишува весникот.

Поврзани новости