Поглаварот на Руската православна црква – патријархот Кирил смета дека „Русите кои не ѝ служат на татковината се внатрешни непријатели“, пренесе државната новинска агенција РИА.
Тој е близок соработник на претседателот Владимир Путин и силно ја поддржува војната во Украина, во која загинаа десетици илјади луѓе, а милиони беа принудени да ги напуштат своите домови.
„Денес се молиме за нашата татковина, Господ да ја заштити од надворешните и внатрешните непријатели, од сите оние што својот живот не го врзуваат за Русија, кои се спремни да заработуваат пари во Русија, но никогаш не биле спремни да ѝ служат на татковината“, рече Кирил во својата проповед.
„Мораме да им всадиме на луѓето, вклучително и преку црковното проповедање, љубов кон татковината, што е најголемата доблест“, рече патријархот во Архангелската црква во комплексот на Кремљ во центарот на Москва.
Војната во Украина ги продлабочи поделбите меѓу православните христијани низ светот. Доведе до тоа многу Украинци да завршат со Московската патријаршија, на чие чело е патријархот Кирил и да се свртат кон Киевската патријаршија, која е релативно нова.