Членовите на командоската единица на авганистанската армија, кои се обучени од американски и британски специјални сили, според Форин полиси, се контактирани од Русија и им се нуди да се приклучат на руската армија и да се борат во Украина.
Повеќе авганистански воени и безбедносни извори изјавиле за Форин полиси дека испраќањето командоси во Русија може да има значително влијание на фронтот.
Како што потсетуваат агенциите, минатата година кога западните сили го напуштија Авганистан, зад себе оставија 20-30 илјади командоси доброволци.
Само мал број беа евакуирани кога талибанците ја презедоа контролата во Авганистан, а некои побегнаа во соседните земји за да избегнат да бидат заробени и егзекутирани од талибанците.
Многу од овие командоси сега се без работа, а некои сè уште чекаат да добијат сместување во Велика Британија или во САД.
„Тие немаат земја, немаат работа, немаат иднина. Немаат што да изгубат“, вели извор од Авганистан.
Некои извори наведуваат дека околу 10.000 поранешни командоси би можеле да ја прифатат руската понуда, која обично доаѓа преку апликации како Ватсап и Сигнал.