Леонид Волков – блискиот соработник на неодамна починатиот опозициски лидер Алексеј Навални ги повика Русите во вторник да излезат во голем број на протести против претседателот Владимир Путин на денот на изборите во март, на што Навални повика пред неговата смрт, пренесува Хина.
Кремљ предупредува дека ќе има правни последици за секој што ќе го слуша овој „провокативен повик“ на луѓето што ги нарекуваат опасни екстремисти поддржани од САД.
Во објавата на социјалните мрежи од 1 февруари, Навални ги повика Русите да го кажат своето мислење така што ќе излезат на гласање заедно во исто време, напладне на 17 март.
Неговиот сојузник Леонид Волков во видео на Јутјуб повикот за протест го нарече „директна политичка волја на Навални“ и негов последен повик за акција.
„Ова повеќе не е само политичка акција насочена кон надминување на политичката осаменост и изолација. Ова стана собир на жалост и граѓанска комеморација, акција во спомен на Навални, кој побара од нас да го одржиме“, рече тој.
Волков рече дека тоа е многу важно бидејќи „на тој начин луѓето ќе ја исполнат последната волја на Алексеј Навални“ и ќе ги охрабрат истомислениците да дејствуваат.
„Направи го. Во времето што останува до изборите, убедете што е можно повеќе луѓе да го сторат истото“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите изјави дека поддржувачите на Навални се „добро познати по нивните провокативни повици за кршење на законите на Руската Федерација“ и дека „ќе има последици за оние што ќе одговорат на нив“, бидејќи таквата практика е „штетна“.
На Путин му се гарантира реизбор со шестгодишен мандат. Двајца антивоени кандидати беа дисквалификувани од технички причини, а ниту еден од преостанатите тројца кандидати не го критикуваше претседателот.
Од тимот на Навални најавија и дека не можат да најдат место за комеморацијата што ја планираа оваа недела.
Во објава на платформата X, Кира Јармиш напиша:
„Од вчера бараме место каде што можеме да се збогуваме со Алексеј. Ги повикавме повеќето приватни и јавни погребални домови и погребални салони“.
„Некаде велат дека просторот е зафатен, некаде одбиваат на спомнувањето на името „Навални“. Во еден момент директно ни беше кажано дека на погребните друштва им е забрането да работат со нас“.