Русите отвораат нов фронт, Украинците беспомошни против најсмртоносното оружје

by Fokus

Украина го стабилизираше северниот харковски фронт, откако Москва започна офанзива пред еден месец, благодарение на повеќе оружје што го испорачува Западот и дозволата за гаѓање позиции во Русија. Но, нејзините сили се распоредени на друго место по линијата на фронтот долга 1.000 километри и се беспомошни против руските смртоносни воздушни бомби.

Висок офицер во Службата за безбедност на Украина (СБУ), кој има позивен знак Банкер и моментално се бори во регионот Харков, за Си-Ен-Ен изјави дека способноста да се погодат руски цели преку границата веќе има позитивен ефект.

„Сега е можно да се извршат локални операции за контранапад и да се вратат териториите што, на пример, непријателот ги зазеде пред една недела“, рече офицерот на СБУ.

Сојузниците на Киев долго време беа категорични и ја бранеа употребата на своето оружје за извршување на напади на руска територија од страв да не ја испровоцираат Москва. Но, тоа се промени по офанзивата во Харков. Прво, европските земји, вклучувајќи ги Франција и Германија, и дозволија на Украина да напаѓа цели во Русија, а потоа, што е најважно, САД и дозволија на Украина да го користи своето оружје во нападите околу Харков.

Американскиот систем ХИМАРС стана најважен за таргетирање на руските позиции, вели Јехор Черниев, заменик-претседател на Комитетот за национална безбедност, одбрана и разузнавачки прашања на украинскиот парламент.

Поради тоа Русите почнаа се помалку да ги користат ракетните системи С-300 и С-400 за напади околу Харкив, но клизните бомби и натаму се голем проблем за Украинците. Тие се фрлаат од толкава висина што се надвор од дометот на украинската одбрана.

„За жал, сè уште немаме дозвола да соборуваме руски авиони на аеродромите со американско оружје, а немаме дозвола да користиме ракети АТАКМС на руска територија. Затоа сè уште не успеавме да го решиме проблемот со нападите со клизни бомби на наша територија. Харкив и другите погранични области сè уште страдаат од бомбашки напади, а многу цивили се убиени“, вели Черниев.

Додека рускиот напредок е забавен, според проценките на САД и Украина, силите на Москва продолжуваат да притискаат долж нова линија на фронтот.

Русите се концентрирани на обидот да го пробијат селото Хлибоке северно од Харкив. Ако успеат да се задржат таму, тие би можеле да се пробијат до селото Липци, кое се наоѓа на 30 километри северно од Харкив – ставајќи го градот од историско, културно и индустриско значење во артилериски дострел.

Поврзани новости