Русите ослободуваат американски учител кој е затворен три години

by Fokus

Администрацијата на Доналд Трамп обезбеди ослободување на Марк Фогел, американски учител кој беше притворен во Русија повеќе од три години, како дел од размената, објави Белата куќа.

Договорот за ослободување на Фогел, кој американскиот Стејт департмент го прогласи за „неправедно приведен“, беше постигнат преку преговори предводени од претседателот Доналд Трамп, специјалниот пратеник за Блискиот исток Стив Виткоф и „советниците на претседателот“, се вели во соопштението на советникот за национална безбедност Мајк Волц.

Во соопштението не се дадени детали за „размената“, освен дека тоа е „знак на руската добра волја и показател дека се движиме во вистинската насока кон ставање крај на бруталната и страшна војна во Украина“.

Советот за национална безбедност одби да даде дополнителни информации.

Во извонреден потег, Виткоф лично отпатувал во Русија за да го врати Фогел, се вели во соопштението. Од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, не е забележано официјално патување на високи американски претставници во Русија.

„До вечерва, Марк Фогел ќе биде на американско тло и ќе се обедини со своето семејство и најблиските, благодарение на раководството на претседателот Трамп“, се вели во соопштението на Мајк Волц.

Марк Фогел работеше речиси десет години како професор по историја во Англо-американското училиште во Москва, каде меѓу неговите ученици имаше и деца на американски дипломати.

Тој беше уапсен во август 2021 година на аеродромот во Москва, откако кај него беа пронајдени 17 грама канабис. Неговото семејство и адвокатот тврдеа дека неговиот лекар му препишал канабис за лекување на „тешки болки во ‘рбетот“.

Во јуни 2022 година, Фогел беше прогласен за виновен пред судот во близина на Москва за „шверц на дрога од големи размери“ и осуден на 14 години во руски работен логор. Истиот суд го одржа судењето на кошаркарката на ВНБА, Бритни Гринер, која беше ослободена во размена на затвореници во декември 2022 година.

Фогел не беше вклучен во неколку размена на затвореници за време на администрацијата на Џо Бајден, вклучително и онаа во август кога ги ослободи новинарот Еван Гершкович и поранешниот маринец Пол Вилан.

Поврзани новости