Русите објавија снимка на осомничената Украинка, која ја уби ќерката на рускиот олигарх

by Fokus

На интернет кружи наводна снимка од Украинката Наталија Вовк, жената која Русите ја обвинуваат за убиството на Дарја Дугина, 29-годишна новинарка и ќерка на познатиот руски политички филозоф, ултранационалистички руски идеолог Александар Дугин.

Дугина беше убиена во саботата вечерта на пат во предградијата на Москва во експлозија на автомобил-бомба што била поставена под автомобилот што таа го возела.

- Advertisements -

Русија инсистира дека украинските сили стојат зад смртта на Дугина, која загина во саботата кога нејзиниот Toyota Land Cruiser експлодира додека патувала во богатото предградие на Москва. Според руската државна новинска агенција ТАСС, „државјанка на Украина, идентификувана како Наталија Вовк“, наводно стои зад нападот, а руската шпионска служба, ФСБ, вели дека таа побегнала во Естонија.

Руската разузнавачка агенција ФСБ, имено, ги објави резултатите од истрагата за атентатот во кој беше убиена Дугина.

– Утврдивме дека злосторството го подготвила и извршила украинската специјална служба. Сторителот е Наталија Павловна Вовк, украинска државјанка родена 1979 година, која дошла во Русија на 23 јули 2022 година со нејзината 12-годишна ќерка, се вели во извештајот на ФСБ објавен денеска.

Велат дека Вовк изнајмила стан во истата зграда во која живеела Дугина за да собере информации за нејзиниот начин на живот. Сторителот, велат, користел мини купер со кој влегла во Русија со регистерски таблички на Народна Република Доњецк, додека во Русија користела казахстански и украински таблички при враќањето во Украина, пренесе руската медиумска куќа Спутник.

– На денот на атентатот, Вовк и нејзината 12-годишна ќерка присуствувале на фестивалот за литература и музика „Традиција“, каде Дугина била почесен гостин, се наведува во извештајот на ФСБ.

– По извршената контролирана експлозија на бомба поставена под Toyota Land Cruiser Prado управувана од Дугина, Вовк и нејзината ќерка ја напуштиле Русија преку регионот Псков и влегле во Естонија, тврди ФСБ.

Естонската полиција и граничарите во петокот рекоа дека можат да споделуваат информации за луѓе кои ја преминуваат границата на земјата „само во случаи пропишани со закон“, а не поради обвинувања од руската шпионска агенција.

Портпаролката на естонската полиција и граничната полиција Рагне Кеиск даде изјава за Си-Ен-Ен откако руската новинска агенција ТАСС објави дека руската служба за безбедност – ФСБ – тврди дека жената осомничена за убиството на Дарја Дугина е Украинка и дека по нападот побегнала во Естонија.

 

– Можеме да споделуваме информации за луѓе кои ја минуваат границата само во ситуации кои се пропишани со закон, а обвинувањата на руската служба не се едно од нив, рече Кејск.

– Не добивме никаква официјална информација или барање од руските власти на оваа тема, додаде таа.

Поврзани новости