Русите на 3-годишнината од војната: „Америка сака брз прекин на огнот, но ние не“

by Fokus

Русија ги препознава напорите на Соединетите Држави (САД) да се придвижат кон брз прекин на огнот во Украина, но тоа е неприфатливо за Москва и се заканува со сериозни последици за руско-американските односи, објави денеска руската режимска новинска агенција РИА.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека може да ја препознае желбата на американската страна да се придвижи кон брз прекин на огнот.

„Но… прекинот на огнот без долгорочно решение е патот кон брзо продолжување на борбите и продолжување на конфликтот со уште посериозни последици, вклучително и последици за руско-американските односи. Ние не го сакаме тоа“, рече тој.

Во последните две недели, актуелниот американски претседател Доналд Трамп ги интензивираше напорите за постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина.

Трамп пред две недели имаше телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, по што најави итен почеток на преговорите за ставање крај на конфликтот. Истиот ден, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека враќањето на границите на Украина во 2014 година е „нереална цел“ и дека обидите за враќање на целата територија само ќе ја продолжат војната.

Преговорите меѓу Русија и САД започнаа неколку дена подоцна, на 18-ти февруари во Саудиска Арабија, каде што американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се состанаа за да разговараат за завршување на конфликтот. Сепак, Украина и нејзините европски сојузници не беа вклучени во овие разговори, што предизвика критики од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој изјави дека Украина нема да признае никаков договор постигнат без нејзино учество.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност да преговара, но нагласи дека судбината на Украина не може да се реши без нејзино учество. Европската унија, исто така, ја нагласи потребата Европа да игра централна улога во какви било преговори, предупредувајќи дека договорот постигнат без Украина и ЕУ може да биде неодржлив. ,

Поврзани новости