Украинската Воена разузнавачка служба (ДИУ) потврди дека руските окупациски сили на бојното поле ги користат сателитските комуникациски интернет системи Старлинк на Илон Маск, објавија денеска украинските медиуми.
ДИУ наведува дека, благодарение на следењето на внатрешните руски комуникации, потврдено е дека терминалите Старлинк биле инсталирани со цел да се воспостави пристап до Интернет, меѓу другото, во 83-та независна бригада за воздушен напад на руските вооружени сили, која дејствува во Регионот Доњецк во близина на населбите Клишчиевка и Андријевка, пренесува Украинска Правда.
Генералниот директорат за разузнавање на Министерството за одбрана не даде детали за наводниот обем на користење на сателитски комуникациски интернет системи Старлинк, ниту објаснување за тоа како руските сили ги добиле тие терминали, според Ројтерс.
Компанијата на Маск „Space X“, која управува со терминалите Старлинк, минатата недела на платформата „X“ (поранешен Твитер) објави дека „нема никакви деловни односи со руската влада или нејзината војска“ и потврди дека нејзината услуга не работи во Русија.