Руски проектили утринава погодија два индустриски капацитета во централниот украински град Криви Рог, објави градоначалникот Олександр Вилкул, а напад со дронови е забележан и во Одеса.
Украинските воени претставници објавија дека Русија во текот на ноќта лансирала четири крстосувачки ракети, од кои едната била уништена од воздушната одбрана. Останатите погодија индустриски капацитети во регионот Дњепропетровск, каде што се наоѓа градот Криви Рог, родниот град на украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Според градоначалникот на Криви Рог, три ракети погодиле два индустриски комплекса „кои немаат никаква врска со војската“, при што е повреден 38-годишен маж. Исто така, еден автомобил е оштетен од делови од ракета соборена од противвоздушната одбрана.