Бројни Руси брзаат да резервираат билети во еден правец за излез од земјата, откако претседателот Владимир Путин нареди делумна мобилизација на воените резервисти за војната во Украина.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во телевизиско интервју изјави дека првично ќе бидат мобилизирани 300.000 резервисти со соодветно борбено искуство. Цените на билетите вртоглаво пораснаа поради очигледните стравувања дека границите на Русија наскоро би можеле да бидат затворени или дека Путин може да најави општа мобилизација.
Голем број Руси веќе ја напуштија земјата откако Путин им нареди на своите војници да ја нападнат Украина пред речиси седум месеци. Ер Србија, единствениот европски авиопревозник покрај Туркиш ерлајнс кој ги одржува летовите за Русија и покрај ембаргото за летови на Европската унија, забележа дека билетите за летот Москва-Белград брзо се распродадоа за следните неколку дена, додека цената за летовите од Москва до Истанбул или Дубаи достигна дури 9.200 евра за билет во економска класа во еден правец.
Група со седиште во Белград наречена Руси, Белоруси, Украинци и Срби заедно против војна, објави на Твитер дека нема достапни летови до Белград од Русија до средината на октомври. Се вели дека летовите за Турција, Грузија или Ерменија исто така се распродадени.
Русите можат да влезат во Србија без виза. Белград не се приклучи на западните санкции против Русија поради нејзината агресија врз Украина. Сојузниците како Белорусија и Кина, исто така, не воведоа санкции кон Русија.
Во некои објави на социјалните мрежи се наведува дека луѓето веќе биле вратени назад од копнената граница на Русија со Грузија и дека веб-страницата на државната руска железничка компанија паднала, бидејќи премногу луѓе проверувале излез од земјата.