Руската фудбалска федерација (РФС), сепак, не ги исполни своите закани дека ќе истапи од УЕФА и објави денеска дека сака да формира работна група со Европската куќа на фудбалот за да се изнајде модел за враќање во меѓународните натпреварувања десет месеци од воведените санкции поради руската инвазија врз Украина.
„Извршниот одбор на РФС донесе одлука да и предложи на УЕФА формирање работна група“, изјави претседателот на РФС, Александар Дијуков попладнево на прес-конференција во Москва.
Според неговите зборови, оваа работна група би морала да изнајде решение со цел „што поскоро да се реши прашањето за враќање на руските клубови и репрезентации на официјалните меѓународни натпреварувања“.
„Ја проучуваме можноста за враќање во натпреварувањата на УЕФА. За нас е важно да учествуваме во квалификациските натпревари за Светското првенство 2026“, додаде Дијуков, прецизирајќи дека тројца претставници од УЕФА, ФИФА и МОК ќе бидат поканети да учествуваат во работната група.
Оваа порака од Москва доаѓа откако РФС изминатите неколку недели ги засили сигналите за можно истапување од УЕФА и приклучување кон Азиската фудбалска конфедерација, што би имало значајни финансиски последици по руските клубови.
Дијуков, притоа, денеска не ја исклучи можноста од такво сценарио во случај преговорите со УЕФА да пропаднат.
„Можеме да се пренасочиме кон Азија, но потребна ни е одлука од ФИФА за учество на Светското првенство 2026, а преку оваа работна група побрзо ќе дојдеме до договор“, додаде Дијуков.