Руските сили продолжија со нивната офанзива за да го заземат најисточниот украински џеб во Донбас и неселективно го бомбардираа североисточниот град Харков, кадешто убија 9 лица и ранија 19, соопштија украинските воени претставници, додека Киев предупреди дека ситуацијата на истокот е полоша отколку што се верува.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва дека извршила „геноцид“ на исток, каде Русите напредувале кон клучните збратимени градови Северодонецк и Лисичанск, и го повика Западот „да престане да си игра“ со Русија и да помогне да се стави крај на војната.
Зеленски во своето ноќно видео обраќање го осуди бруталниот напад на Москва врз двата града кои лежат од двете страни на реката Сиверски Донец, додавајќи дека нејзиното бомбардирање може да го остави целиот регион „ненаселен“.
-Сето ова, вклучително и депортацијата на нашиот народ и масовните убиства на цивили, е очигледна политика на геноцид што ја води Русија – рече Зеленски.
Министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба вчера изјави дека воената ситуација во источна Украина е уште полоша отколку што кажуваат луѓето.
Во сесијата со прашања и одговори во живо со корисниците на Твитер, Кулеба исто така рече дека на земјата сега и треба тешко оружје за ефикасна борба против Русија и рече дека мировните преговори со Русија не се одржуваат вистински.
Во својот дневен билтен, британското Министерство за одбрана информираше дека додека руските копнени сили продолжуваат да вршат притисок врз Северодонецк со одреден успех, Украина ја задржува контролата врз повеќе одбранети сектори, негирајќи дека Москва има целосна контрола врз Донбас.
Но, извештајот на британската разузнавачка служба забележа дека во последниве денови, Русија изгледа дека префрлила 50-годишни тенкови Т-62 од складиштета во просторот на операциите во Донбас, факт што го истакнува недостатокот на руската модерна борбена опрема.
Руското Министерство за одбрана предложи коридор што ќе им овозможи на странските бродови да ги напуштат пристаништата на Црното Море и друг за да им се дозволи на бродовите да го напуштат Мариупол на Азовското Море.
Во Вашингтон, американската администрација се подготвува да испрати напредни ракетни системи со долг дострел во Украина, објави CNN, цитирајќи повеќе американски претставници.
Официјалните претставници рекоа дека Белата куќа е склона да ги испрати системите како дел од поголем пакет воена и безбедносна помош што би можел да биде објавен веќе следната недела.
Rускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, изјави дека податоците откриени во текот на „специјална воена операција“ во Украина укажуваат дека Киев планирал да започне офанзива во одметната проруска источна област Донбас на 8-ми март и да ги заземе овие територии.
-Веќе објаснивме зошто повеќе не можевме да не дејствуваме. Она што го пронајдовме на позициите на украинската армија … потврдуваат дека одвај успеавме навреме со (операцијата што почна на 24-ти февруари – з.р.), бидејќи на 8-ми март бил испланиран планот Б – рече Лавров.