Русија ја прошири црната листа на британски државјани за уште 36 имиња поради антируската политика на британската Влада, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
На списокот има членови на британската влада, претставници на безбедносни агенции и новинари. На листата се и британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, министерот за регионален социо-економски развој, домување, заедници и локална самоуправа Мајкл Гоув, канцеларот на Војводството Ланкастер, Оливер Дауден, министерот без ресор Надим Захави.
Што се однесува до припадниците на војската и безбедносните служби, на списокот е началникот на Генералштабот Патрик Сандерс, како и претставници на раководството на Стратешката команда на вооружените сили на ОК и Националниот центар за сајбер безбедност.
Таа додаде дека Москва не го смета за целисходно објавувањето на комплетниот список. – Лондон разбира за кого станува збор, заклучи Захарова.