Рускиот парламент денеска во прво читање го усвои предлог-законот за конфискација на имот на лица осудени за различни кривични дела, вклучително и „намерно ширење лажни информации“ за руската армија. Оваа мерка ќе важи за сите оние кои се прогласени за виновни за „дискредитација“ на вооружените сили, повикување на санкции против Русија или поттикнување екстремистички активности.
Предлог-законот беше усвоен во првото од трите читања со 395 гласа „за“ и три „против“. Со тоа државата ќе може да го конфискува имотот на Русите кои ја напуштиле земјата и кои ја критикуваат војната во Украина, но кои сè уште се потпираат на приходите од издавање на нивните имоти, куќи и станови во Русија.
Од воената инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија ги заостри мерките за да се потисне каква било форма на политичко несогласување. Според законите усвоени во март, дискредитирањето на вооружените сили или ширењето лажни информации за војската се казнува со долги затворски казни.