Претседателката на парламентарната комисија за интеграција на Украина во Европската Унија, Ивана Климпуш, напиша на Твитер дека руските сили денеска употребиле „непозната супстанција“ во Мариупол. Се тврди дека „најверојатно е хемиско оружје“.
-Супстанцијата беше дистрибуирана со дрон, а жртвите имаат отежнато дишење и вестибулоцеребеларна атаксија, пишува Киев индепендент, повикувајќи се на извори од батаљонот Азов во Мариупол.
Се додава дека ова би можело да биде прва позната употреба на хемиско оружје во Украина, од страна на руските сили.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ноќеска изјави дека Русија може да употреби хемиско оружје во Украина и го повика Западот да воведе силни санкции за Москва да не се осмели да зборува за употреба на таквото оружје.
-Ние го сфаќаме ова многу сериозно-, рече Зеленски во видео обраќањето. Украинскиот претседател, сепак, не кажа дека такво оружје веќе било употребено.
-Би сакал да ги потсетам светските лидери дека веќе е разговарано за можната употреба на хемиско оружје од страна на руската војска. Дури и тогаш тоа значеше дека е потребно поостро и побрза реакција на руската агресија, додаде тој.
Помошникот градоначалник на Мариупол Петро Андрјушенко во своите извештаи преку Телеграм напиша дека хемиските напади не се потврдени и оти очекува подоцна да може да објави детали и објаснувања.
Портпаролот на Пентагон Питер Кирби рече дека САД се запознаени со извештаите.
-Во моментов не можеме ништо да потврдиме, но ќе продолжиме повнимателно да ја следиме ситуацијата, рече тој.