Руското Министерство за одбрана денеска ја обвини украинската војска дека го извршила утринскиот смртоносен ракетен напад врз железничката станица во Краматорск во кој загинаа 50 цивили.
Русите тврдат дека на тој начин украинската армија сакала да ги спречи цивилите да се евакуираат, за да можат да ги користат како жив штит.
Руското министерство, без никакви докази, тврди дека ракетите биле истрелани врз железничката станица од блискиот град Добропоље, што е под контрола на Украина.
Русија тврди дека не го користи проектилот „Точка-У“, што, очигледно, бил употребен во нападот. Таквите проектили ги користат Украинците, наведе руското Министерство за одбрана.
Но, аналитичарите објаснуваат дека фотографиите и снимките докажуваат дека руската војска сè уште ги користи наведените ракети,пренесува Би-Би-Си.
Според експертите за оружје на Амнести интернешнал, станува збор за проектили што се исклучително непрецизни и редовно ги промашуваат своите цели за половина километар и повеќе.