Животот на Маргарита Грачева засекогаш се промени во 2017 година, кога нејзиниот сопруг ја киднапирал и нападнал со секира.
На Русија и е наложено да и плати отштета од над 370.000 евра на жена на која сопругот и ги отсекол рацете. Европскиот суд за човекови права соопшти дека Русија не успеала да се избори со семејното насилство и и наложи да плати отштета за четири жени кои беа брутално нападнати.Судот и порача на Русија да направи итни промени за да се запрат ваквите напади во иднина. Во соопштението се наведува и дека семејното насилство врз жените се случува во „неверојатни размери“ и дека Русија прекршила два члена од Европската конвенција за човекови права.
Меѓу повредените жени е и Маргарита Грачева, која во 2017 година беше киднапирана од сопругот и нападната со секира. Неколку пати ја предупредувала полицијата за насилничкото однесување на нејзиниот сопруг, но поплаките останале неодговорени.
Нејзината осакатена лева рака била извлечена од шумата и сошиена. По серија операции добила протеза за десната рака.
Нејзиниот сега поранешен сопруг Дмитриј Грачев е осуден на 14 години затвор.
Судот рече дека случајот на Маргарита Грачева покажал дека руските закони предвидуваат властите да не мора да забележуваат семејно насилство додека не ескалира и не доведе до физички повреди.
Во 2017 година, рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон за олеснување на казните за семејно насилство. Делата кои не предизвикале хоспитализација повеќе не се третираат како кривични дела и казните се намалуваат.
Отштета треба да добијат уште три жени – Наталија Туникова, Јелена Гершман и Ирина Петракова. „Победивме!“, рече Мари Давтјан, една од адвокатите што ги застапуваат жените.
„Секоја од овие жени беше сериозно повредена поради непочитувањето на државата за семејното насилство“, рече таа.
Заменик министерот за правда Михаил Галперин рече дека руската држава не треба да биде одговорна за случаите на семејно насилство извршени од поединци.