Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија ставила вето на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации за продолжување на мандатот на експертите за санкции против Северна Кореја, бидејќи тоа е во согласност со, како што наведе, интересите на Руската Федерација.
„Таквата позиција е повеќе во согласност со нашите интереси“, изјави Песков на новинарите на прашањето за причините за руското вето, пренесува Интерфакс.
Тој додаде дека Русија не се согласува со модалитетите формализирани во тој проект.
Во четвртокот Русија стави вето на американската нацрт-резолуција за продолжување на мандатот на Комитетот за санкции на ОН за Северна Кореја за една година.
Во документот беше предложено продолжување на мандатот до 30 април 2025 година.
Северна Кореја е под санкции на ОН од 2006 година, кои што ОН постојано ги заоструваа со текот на годините во обид да го прекинат финансирањето на програмите за нуклеарно оружје и балистички ракети на Пјонгјанг.